„Мислев дека сум речиси непобедлива… а потоа одеднаш се срушив на сред спортска сала и никој не знаеше што ми се случува“.
Со овие зборови 24-годишната Кејтлин Лоренс од Лондон го опишува моментот што ѝ го промени животот. На само 22 години, непосредно пред важен нетбол натпревар во октомври 2023 година, доживеала сериозен срцев настан.
Иако била во одлична физичка форма и изгледала целосно здрава, никогаш не помислила дека може да има проблем со срцето. Токму тука, велат експертите, лежи најголемата заблуда – кардиоваскуларните болести не се резервирани само за постари мажи.
Кејтлин не се сеќава на загревањето пред натпреварот. Единствено памети дека ѝ било малку мачно. „Следното нешто на кое се сеќавам е лицето на болничар над мене“, раскажува таа. По колапсот, била без свест шест минути. Во тие моменти, лекарите не знаеле што точно ја предизвикало кризата.
Подоцнежните испитувања откриле нарушување на срцевиот ритам. Лекарите ѝ вградиле мал уред – имплантабилен монитор кој постојано ја следи електричната активност на срцето. Со текот на времето, постепено почнала повторно да се занимава со спорт.
Но во август следната година, по натпревар одигран за време на екстремно топол викенд, добила повик од болница. Нејзиниот лекар забележал сериозно отстапување во срцевиот ритам. Уредот регистрирал опасна аритмија – срцето во период од 11 секунди достигнало 294 отчукувања во минута, што е далеку над вообичаените 100 до 170 отчукувања при физичка активност кај лице на нејзина возраст. Лекарите ѝ објасниле дека таквата состојба можела да заврши фатално.
Дијагнозата гласела аритмогена кардиомиопатија – ретка срцева болест при која клетките на срцевиот мускул не се развиваат правилно. До тогаш, Кејтлин не знаела дека болеста е наследна и постои во нејзиното семејство.
Покрај дијагнозата, стигнала и тешка вест – повеќе нема да може професионално да игра нетбол. „Тоа беше најтешкото нешто што можев да го слушнам“, вели таа.
Според Светска федерација за срце, жените честопати не се доволно свесни дека се изложени на ризик од кардиоваскуларни заболувања, а тие болести остануваат водечка причина за смрт кај женската популација. Борјана Пeрван од Федерацијата предупредува дека симптомите кај жените често се поинакви и потешко препознатливи.
Најчестиот симптом на срцев удар – болка во градите – кај жените не секогаш е изразен. Наместо тоа, болката може да се шири во рамената, вратот, вилицата, рацете, стомакот или грбот. Чести се и неочекувана анксиозност, мачнина, вртоглавица, отежнато дишење, забрзано чукање на срцето и ладна пот. Пред овие симптоми често се јавува и необјаснив, силен замор.
Според податоците на Светска здравствена организација, околу 30 проценти од сите смртни случаи кај жените се должат на кардиоваскуларни болести. Само во 2021 година, повеќе од девет милиони жени ширум светот починале од овие заболувања – бројка што ја надминува популацијата на цели држави.
Наследните срцеви болести, како онаа што ја има Кејтлин, учествуваат со околу 20 проценти во предвремените смртни случаи. Останатите 80 проценти, велат експертите, може да се превенираат со поздрав начин на живот – балансирана исхрана, редовна физичка активност, намален внес на алкохол и откажување од пушење. Но проблемот не е само индивидуален, туку и системски – недостиг од информираност, недоволни клинички испитувања кај жени и ограничен пристап до здравствена заштита дополнително го зголемуваат ризикот.
Денес, Кејтлин има вграден кардиовертер-дефибрилатор – уред што постојано го следи срцевиот ритам и, доколку открие животозагрозувачка аритмија, испраќа електричен шок за да го врати срцето во нормала.
По искуството што ѝ го промени животот, таа одлучила да се бори за поголема свесност кај младите спортистки. Во соработка со здруженија и организации за превенција од срцеви заболувања, иницирала воведување задолжителни кардиолошки прегледи за професионални нетбол играчи во британската лига.
„Ако почувствувате дека срцето ви чука силно и неконтролирано, ако имате чувство дека ќе ви излета од градите или ако одеднаш изгубите свест без јасна причина, прво проверете го срцето“, порачува таа.
„Тоа е мускулот што ве одржува во живот. Мора редовно да се контролира.“

















