ПРВ.мк
Македонија

МВР СО АПЕЛ, НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ НА ИЗМАМИ: Жена остана без 3.000 евра, на други им барале 20.000!

МВР СО АПЕЛ, НЕ НАСЕДНУВАЈТЕ НА ИЗМАМИ: Жена остана без 3.000 евра, на други им барале 20.000!
Kristal

Три жени од Тиквешкиот регион во само неколку дена станале мета на добро осмислени измами, информираат од Министерство за внатрешни работи, односно од Сектор за внатрешни работи – Велес. Полицијата упати јасен апел до граѓаните да бидат крајно внимателни, бидејќи измамниците користат психолошки притисок, лажни идентитети и лични податоци за да создадат паника и да извлечат пари.

Во два од случаите, цел на измамниците биле повозрасни жени. Тие добиле телефонски повици од лица кои се претставувале како лекари или директори на болници, при што им било соопштено дека нивна блиска роднина – ќерка или внука – доживеала тешка повреда и итно ѝ е потребна операција. Сумата што ја барале била дури 20.000 евра, наводно како донација за хируршки зафат.

На 10 февруари, 72-годишна жена од Неготино пријавила дека била контактирана од непознат маж кој се претставил како директор на болница во Велес. Тој ѝ соопштил дека нејзината внука има скршеница и дека итно се потребни 20.000 евра за операција. За да ја направи приказната поубедлива, во позадина се слушал женски плач, при што ѝ било кажано дека тоа е нејзината снаа. Вознемирени и исплашени, жената и нејзиниот сопруг веднаш се упатиле кон болницата, но таму не пронашле ниту пациент со такво име, ниту лице што се претставило како директор. Медицинскиот персонал ги информирал дека станува збор за измама.

Во друг случај, 77-годишна жена исто така добила повик од лице кое се претставило како лекар од Велес и побарало 20.000 евра за наводна операција на нејзината ќерка. Сомнежот се појавил откако таа разговарала со таксистот што требало да ја однесе до местото на предавање на парите, а потоа стапила во контакт со својот зет. По дополнителна проверка, станало јасно дека никаква операција не постои и дека станува збор за добро испланирана измама.

Третиот случај се разликува по начинот на изведба, но исходот е исто така сериозен. На 13 февруари, 28-годишна жена од Кавадарци пријавила дека била измамена за 180.000 денари, односно речиси 3.000 евра. Таа склучила договор за заеднички бизнис со жена од истиот град, при што парите ги предала лично. Сепак, договорениот бизнис никогаш не бил реализиран, а средствата не ѝ биле вратени.

Од СВР – Велес информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните и идентификување на сторителите. Воедно, полицијата спровела и превентивни активности со цел да ги информира граѓаните за ваквите видови измами, кои сè почесто се насочени кон повозрасни лица.

Полицијата препорачува граѓаните да не носат одлуки под притисок и паника, особено кога станува збор за итни барања за пари преку телефон. Секој сомнителен повик или барање треба веднаш да се провери преку директен контакт со член од семејството или со институцијата во чије име се претставува повикувачот. Сите вакви случаи треба без одлагање да се пријават во најблиската полициска станица.

Една од жртвите посочила дека измамниците располагаат со точни лични информации, ги знаат имињата на блиските роднини и звучат крајно уверливо, што создава силна вознемиреност и страв, особено кај повозрасните лица. Таа апелира граѓаните да останат смирени, да не подлегнуваат на стрес и да не преземаат финансиски обврски без претходна детална проверка.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape