По повод „Розов октомври“ – месецот посветен на подигнување на свесноста за рана детекција и превенција од рак на дојка, министерот за здравство, Сашо Клековски, ја посети Клиничката болница во Штип, каде што официјално е отворен нов мултидисциплинарен кабинет за дојка.
Овој нов кабинет има за цел да овозможи брз, ефикасен и поквалитетен здравствен одговор за сите пациентки со болести на дојката. Во него за првпат на едно место заеднички делува тим од специјалисти од повеќе области: рендгенолози, хирурзи, патолози и онколози.
Со цел дополнително намалување на листите на чекање, само во текот на овој месец во кабинетот ќе бидат извршени уште 180 дополнителни мамографски прегледи за време на викендите, со што значително се скратува времето до добивање навремена дијагноза.
За пациентките од целиот источен регион на земјава пристигнуваат и дополнителни добри вести: во следниот период е планирана набавка и инсталација на нов, современ мамограф кој дополнително ќе го подигне нивото и квалитетот на здравствените услуги во Штип.






