ПРВ.мк
Балкан

НАЈАВЕНИ ДРАСТИЧНИ КАЗНИ: За неносење појас 200 евра, опасно паркирање 300, а за „дрифтување“ до 5.000 евра!

НАЈАВЕНИ ДРАСТИЧНИ КАЗНИ: За неносење појас 200 евра, опасно паркирање 300, а за „дрифтување“ до 5.000 евра!

Возачите во Хрватска наскоро би можеле да се соочат со значително повисоки казни за сообраќајни прекршоци. Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ ги претстави предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои за најтешките прекршоци се предвидуваат парични казни до 5.000 евра, а во одредени случаи и затвор, пренесуваат хрватските медиуми.

Мерките опфаќаат нелегални трки, опасно возење и дрифтување, користење електрични тротинети, неносење сигурносен појас и паркирање со кое се загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

До 60 дена затвор за нелегални трки

Највисоките санкции се предвидени за организирање и учество во нелегални автомобилски трки. За ваквите прекршоци се предлагаат казни од 2.000 до 5.000 евра, а можни се и затворска казна до 60 дена, одземање на возилото и забрана за управување.

Божиновиќ посебно предупреди на собирите на кои возачите изведуваат опасни маневри, дрифтуваат и ги снимаат своите активности за да ги објават на социјалните мрежи. Според најавените измени, санкции ќе бидат предвидени и за снимање и објавување опасно возење.

„Јавните патишта не се тркачки патеки, а безбедноста на граѓаните не е место каде некој може да се докаже. Оние кои сакаат да се тркаат, за тоа има патеки“, изјави Божиновиќ.

Министерот појасни дека целта не е да се ограничат љубителите на автомобили, туку да се спречи однесувањето со кое се загрозуваат животите на другите учесници во сообраќајот.

Родителите може да платат до 3.000 евра за електричен тротинет

Построги правила се најавуваат и за електричните тротинети. Родителите и старателите кои ќе им дозволат на деца помлади од 14 години да управуваат со вакво возило би можеле да добијат казна од 1.000 до 3.000 евра.

Во истиот распон се предвидуваат санкции и за управување со моторно возило посилно од дозволеното.

„Тротинетот не е играчка и може да предизвика сериозни повреди, па дури и смрт. Родителската одговорност не завршува со купувањето на тротинетот, туку само почнува“, порача Божиновиќ.

Дополнително, казните за возење електричен тротинет без кацига и за неправилно движење би се зголемиле на 100 евра. Во најавените измени се предвидува и задолжителна регистрација и означување на електричните тротинети.

Неносење појас ќе се казнува со 200 евра

Повисоки санкции се предлагаат и за прекршоци што често се среќаваат во секојдневниот сообраќај.

Казната за некористење сигурносен појас, како и за незаконско превезување деца во автомобил, би се зголемила од сегашните 130 на 200 евра.

„Нема алтернатива за безбедноста на децата и човечките животи“, истакна хрватскиот министер за внатрешни работи.

До 300 евра за паркирање со кое се загрозуваат другите

Со измените се предлага казна од 300 евра за паркирање со кое се загрозува безбедноста или сериозно се попречува одвивањето на сообраќајот.

Ова се однесува на ситуации во кои возилата блокираат патишта, тротоари, пристапи за лица со попреченост или пристап до службите за итни случаи.

Целта на мерката е да се спречи непрописното паркирање да ги загрозува пешаците, лицата со попреченост и работата на службите што мора брзо да стигнат до местото на интервенција.

Сообраќајните казни ќе важат и преку границите

Предложените измени предвидуваат и усогласување на хрватското законодавство со европските правила. Меѓу другото, се планира проширување на прекуграничната размена на податоци за сообраќајни прекршоци, со цел полесно да се постапува против возачите кои ги прекршуваат правилата во друга земја.

„Правилата мора да важат подеднакво за сите, без оглед на тоа чии регистарски таблички се на возилото“, рече Божиновиќ.

Измените опфаќаат и нови правила поврзани со службите за итни случаи, меѓу кои и Хрватската планинска служба за спасување (ХГСС).

Минатата година на хрватските патишта загинале 261 лице

Како аргумент за потребата од построги мерки, Божиновиќ го посочи бројот на загинати во сообраќајни несреќи. Минатата година на патиштата во Хрватска животот го загубиле 261 лице, што е за 22 повеќе во споредба со 2024 година.

Според податоците што ги презентирал министерот, во тековната година бројот на загинати е за 22 помал во споредба со истиот период минатата година. Сепак, тој оцени дека сè уште нема доволно причини за задоволство од состојбата со безбедноста во сообраќајот.

„Нашата цел не е да собираме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи и помалку повреди“, заклучи Божиновиќ.

Најавените мерки треба да придонесат за поголема дисциплина на патиштата и намалување на опасното однесување зад воланот. Станува збор за предложени законски измени, а нивната примена ќе зависи од понатамошната законска постапка.

Најнови вести