Обилните врнежи предизвикаа сериозни поплави во повеќе делови на Грција, а меѓу најпогодените места е островот Скијатос, каде што надојдената вода однела два автомобила. Поплавени се и домови и продавници, додека невремето предизвика затворање на патишта, прекини во снабдувањето со електрична енергија и проблеми во сообраќајот.
Невремето продолжува да се движи кон други делови од земјата, а особено внимание се посветува на Халкидики, каде што исто така се очекуваат силни врнежи.
За Атика, Спорадите, Магнезија и делови од централна Грција е издадено портокалово метеоролошко предупредување. Нестабилно време се очекува и на Халкидики, во североисточниот дел на Пелопонез, на Кикладите, Додеканезите и на Крит.
Грчката служба за цивилна заштита рано утрово испратила итно предупредување до граѓаните преку системот 112.
„Силни временски непогоди на островот Скијатос. Ограничете го движењето на она што е апсолутно неопходно. Следете ги упатствата на надлежните органи“, се наведува во пораката.
Сериозна состојба и на Евија, реката се излеа од коритото
Проблеми се регистрирани и на островот Евија, каде што реката Киријас се излеала од коритото. Поради надојдената вода, сообраќајот кон Халкида бил пренасочен.
Во Неа Артаки се пријавени проблеми со снабдувањето со електрична енергија, додека поплави зафатиле и делови од областа Атика, меѓу кои Атина, Пиреја, Перама и Мегара.
Полицијата морала да пренасочува дел од сообраќајот поради водата што се задржувала на коловозите, создавајќи дополнителни тешкотии за возачите.
Скијатос може да биде прогласен за подрачје погодено од природна катастрофа
Последиците од невремето на Скијатос се толку сериозни што градоначалникот на островот најавил дека има намера да побара областа да биде прогласена за подрачје погодено од природна катастрофа.
Надлежните служби ги повикуваат граѓаните да ги следат официјалните предупредувања и да ги сведат патувањата на неопходниот минимум додека траат опасните временски услови.







