Љупчо Горгиевски, поранешен претседател на згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, се огласи на социјалните мрежи во врска со случајот на Ива Михаилова од Кочани, која заминала во Софија за да добие лекување.
Во објавата на Фејсбук, Горгиевски го опиша нејзиното заминување како пат од родниот крај кон место каде што, според неговите зборови, таа се чувствува посигурно и позаштитено.
„Девојката од еден наш град замина во друг, поголем наш град, за да се лекува… Ива Михајлова од Кочани веќе е во Софија“, напиша Горгиевски.
Тој посочи дека зад Ива се месеци исполнети со болка, искушенија и неизвесност, додавајќи дека таа конечно пристигнала на место каде што, како што тврди, чувствува дека има заштита.
Според неговата објава, Михаилова го напуштила родниот крај затоа што таму, како што наведува Горгиевски, не наоѓала мир и сигурност, а била изложена и на вознемирување поради нејзиното бугарско национално самоопределување. Наспроти тоа, тој ја претстави Софија како место каде што таа гледа надеж.
„Понекогаш треба да поминеш стотици километри за да стигнеш до местото каде што не мораш да објаснуваш кој си“, порача Горгиевски.
Во завршницата на објавата, тој испрати и лична порака за заминувањето на Ива во бугарската престолнина.
„Ива не само што пристигна во Софија. Таа се врати дома!“, напиша Горгиевски на Фејсбук.







