Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените сообраќајни контроли низ целата држава, а последните податоци покажуваат голем број прекршоци кај мотоциклистите и останатите возачи на возила на две и три тркала.
Во периодот од 18 мај до 31 јули биле регистрирани вкупно 6.932 прекршоци сторени од возачи на мотоцикли, мопеди, трицикли, четирицикли и велосипеди со помошен мотор.
Убедливо најголем проблем е неносењето заштитна кацига. Дури 5.678 санкции биле изречени токму поради овој прекршок, а во рамки на контролите биле санкционирани и 33 велосипедисти.
Најмногу прекршоци се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје – 2.146. Следуваат Битола со 992, Велес со 856, Куманово со 583, Штип со 544, Тетово со 541, Охрид со 420 и Струмица со 327 санкции. Мобилната единица за безбедност на сообраќајот дополнително констатирала 556 прекршоци.
Паралелно со овие акции, полицијата открила и 15.715 други сообраќајни прекршоци, додека против 503 возачи биле поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат низ целата држава и апелираат до учесниците во сообраќајот задолжително да користат заштитна опрема и да не управуваат возила под дејство на алкохол или други психоактивни супстанции.








