ПРВ.мк
Свет

Нафтата поевтинува, но што ќе се случи на бензинските во Македонија?

Нафтата поевтинува, но што ќе се случи на бензинските во Македонија?

Цените на нафтата на светските пазари продолжуваат да се движат надолу трет ден по ред, а пад е забележан и кај златото. На пазарите влијаат новите дипломатски сигнали од Блискиот Исток, но и очекувањето на најновите податоци за инфлацијата во САД.

Цената на брент нафтата се намали за повеќе од два долари и се движи околу 86 долари за барел, додека американската WTI нафта падна на околу 80 долари за барел. Станува збор за најниските нивоа во последните две недели.

Еден од факторите што влијаат врз падот се обновените разговори меѓу Иран и Оман. Тие ги зголемија очекувањата дека би можело да дојде до нормализирање на пловидбата низ Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта и природен гас.

На пазарите се разгледува и можноста за воспоставување привремен безбеден коридор за бродовите и расчистување на мини, што би можело да го олесни транспортот на енергенсите.

Дополнителен притисок врз цената на нафтата создаде зголемувањето на американските резерви за 4,2 милиони барели, што е повеќе од очекувањата на аналитичарите.

Истовремено, по претходниот силен раст, надолу се движи и златото. Спот-цената се намали за околу 0,9 проценти, на приближно 4.617 долари за унца, откако претходно достигна тримесечен максимум.

Инвеститорите сега внимателно ги очекуваат американските податоци за инфлацијата, кои би можеле да дадат нови сигнали за идните одлуки на Федералните резерви и движењето на каматните стапки.

Сепак, падот на цената на суровата нафта на светските берзи не значи автоматски и поевтини горива во Македонија. Домашните цени зависат од пресметките на Регулаторната комисија за енергетика, референтните цени на дериватите, како и од курсот на американскиот долар.