Во Белград е поставен и поврзан нов систем од 30 сообраќајни камери, кои ќе можат автоматски да регистрираат повеќе различни прекршоци на возачите.
Камерите се распоредени на фреквентни сообраќајници, раскрсници и пристапни патишта кон српската престолнина. Системот опфаќа локации од Нов Белград, Земун, Алтина, Ледине и Бежанијска Коса, преку главните градски булевари и улици, па сè до Батајница, Рушањ, Винча и Борча.
Новата технологија овозможува истовремено откривање на повеќе видови прекршоци. Камерите можат да регистрираат моментално пречекорување на дозволената брзина, но и да ја пресметуваат просечната брзина на возилото помеѓу две контролни точки.
Покрај брзината, системот ќе открива и користење мобилен телефон зад воланот, неносење безбедносен појас, возење во жолта лента, неправилно престигнување, престигнување колона преку непрекината линија, управување нерегистрирано возило и поминување на црвено светло.
Податоците за регистрираниот прекршок директно се испраќаат до центарот на српското Министерство за внатрешни работи, по што сопственикот на возилото може да ја добие казната на домашна адреса или преку порталот за електронска администрација.
Според податоците што ги објави РТС, камерите во Белград во просек регистрираат околу 120 сообраќајни прекршоци дневно. Најчести се поминувањето на црвено светло, неносењето безбедносен појас и пребрзото возење.
Од сообраќајната полиција апелираат возачите да ги почитуваат прописите не само поради можноста да бидат снимени и казнети, туку пред сè поради сопствената и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.







