Македонија и Србија утре ќе го потпишат договорот за реализација на интерконекторскиот гасовод меѓу двете земји, со што и официјално треба да започне реализацијата на новото гасно поврзување кон север. На настанот ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски, информираа од Владата.
Новиот гасовод е дел од поширокиот план Македонија да добие значително поголема улога на енергетската карта на регионот и од краен корисник да прерасне во транзитна точка за природен гас од југ кон Србија и Централна Европа.
Паралелно се работи и на интерконекторот со Грција, преку кој македонскиот гасоводен систем треба да добие пристап до терминалот за течен природен гас во Александруполис. Според најавите на Мицкоски, Македонија до почетокот на 2028 година треба да биде поврзана со овој терминал.
Планот предвидува гасот што ќе пристигнува од југ преку Грција, потоа преку новата македонско-српска врска да продолжува кон Србија, а оттаму и кон пазарите во Унгарија, Австрија и останатиот дел од Централна Европа.
Мицкоски претходно изјави дека Македонија има резервирано четири капацитети на терминалот во Александруполис и дека изградбата на северниот интерконектор е клучна за вклучување на земјата во поширокиот регионален енергетски коридор.
Планираниот капацитет на гасоводот кон Србија е меѓу три и шест милијарди кубни метри природен гас годишно. Преку оваа инфраструктура, според најавите, би можел да се транспортира и американски течен природен гас од Александруполис кон Србија и понатаму кон Централна Европа.
Проектот има и пошироко стратешко значење бидејќи создава дополнителна рута за снабдување на регионот со природен гас и овозможува диверзификација на изворите. Северниот интерконектор со Србија, според најавите, Македонија ќе го развива со сопствени буџетски средства.
Со реализацијата на гасните врски со Грција и Србија, Македонија треба да стане важна алка во енергетски коридор што ќе го поврзува Егејското Море со Централна Европа.







