Американската Тајна служба реагираше откако иранската државна телевизија емитувала видеоснимка во која се зборува за можен атентат врз Барон Трамп, најмладиот син на американскиот претседател Доналд Трамп.
Портпаролот на Тајната служба, Нејт Херинг, потврдил дека службата е запознаена со видеото и дека се разгледува секоја потенцијална закана кон лицата што се под нејзина заштита.
„Американската Тајна служба е запознаена со видеоснимката и истражува сè што може да се смета за закана кон лицата што ги штитиме“, изјавил Херинг, додавајќи дека поради оперативната безбедност не можат да откриваат детали поврзани со разузнавачките информации.
Според објавените информации, станува збор за триминутно видео емитувано на иранската државна телевизија, во кое се зборува за можен план за атентат врз 20-годишниот Барон Трамп. Во прилогот наводно се тврди дека тој бил следен, а се споменува и награда од 10 милиони долари за негово убиство.
Случајот дополнително ги зголемува тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, кои во изминатиот период разменуваат остри пораки и закани.
Претходно беше објавено и дека Израел во повеќе наврати ги предупредувал американските власти за наводни ирански планови за атентат врз самиот Доналд Трамп.
Американскиот претседател претходно изјави дека се смета себеси за „број еден на иранската листа за ликвидација“.
Засега Тајната служба не открива дополнителни информации за проценката на заканата ниту дали се преземени дополнителни безбедносни мерки.







