ПРВ.мк
Свет

Снимки што го потресоа светот: Непал под вода, стотици исчезнати – меѓу нив туристи од повеќе земји (ВИДЕО)

Снимки што го потресоа светот: Непал под вода, стотици исчезнати – меѓу нив туристи од повеќе земји (ВИДЕО)

Катастрофалните поплави што го погодија Непал оставаат зад себе сцени на огромно уништување, а бројот на жртвите продолжува да расте. Според последните информации, најмалку 95 лица загинале, додека стотици сè уште се водат како исчезнати.

Првите фотографии и снимки од погодените подрачја ги покажуваат размерите на катастрофата – уништени објекти, прекинати патишта и мостови, како и огромни количества кал, вода и камења кои поминале низ населените места.

Најкритична е ситуацијата во хималајскиот регион во близина на границата меѓу Непал и Тибет, каде огромниот пороен бран за само неколку моменти опустошил делови од регионот.

Особено загрижува судбината на туристите. Според податоците на Туристичкиот одбор на Непал, 384 патници се водат како исчезнати – 291 странски државјанин и 93 Непалци.

Меѓу исчезнатите странски туристи има државјани на Индија, Велика Британија, САД, Малезија, Јужна Африка, Австралија и Холандија.

Поплавата го погодила подрачјето на реката Бхоте Коши во округот Расува. Спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до најтешко погодените места, но операцијата ја отежнуваат уништените патишта, огромните наноси од кал и нестабилните временски услови.

Непалската армија испратила хеликоптери и спасувачки екипи, а во потрагата по исчезнатите се вклучени и полицијата и останатите служби за итни случаи.

Причината за катастрофата сè уште се утврдува. Првичните информации укажуваат на можност големо лизгање или уривање на планинска маса да предизвикало блокирање на водата, по што дошло до нагло пробивање и создавање на разорниот бран.


Видео: