Министерството за внатрешни работи соопшти дека го расветли случајот со бруталното насилство во Гостивар, кој предизвика силни реакции во јавноста по објавувањето на вознемирувачка видеоснимка на социјалните мрежи.
Според МВР, на 2 август околу 22:20 часот, во ОВР Гостивар, 22-годишниот А.В. пријавил дека истиот ден околу 2:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“, тој и неговиот пријател Л.Е. биле физички нападнати од три непознати машки лица, кои употребиле тврди и дрвени предмети.
По насоки на надлежен јавен обвинител, полициските службеници презеле интензивни активности и ги идентификувале тројцата осомничени.
Во полициска станица биле повикани двајца малолетници од Гостивар, на кои по наредба на јавен обвинител им биле одземени патните исправи. Третиот осомничен е В.Д. (20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот, во текот на утрешниот ден против осомничените ќе биде поднесен соодветен поднесок по брза постапка, по што ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Случајот ја вознемири јавноста откако на социјалните мрежи беше објавена снимка од групна тепачка, на која се гледа како едно момче паѓа по силен удар во главата, а додека лежи на земја продолжува да биде напаѓано со дрвена прачка. Видеото предизвика бројни реакции и осуди на социјалните мрежи.








