Високите температури и топлотниот бран што ја зафати Македонија доведоа до значително зголемување на бројот на интервенции на службите за Итна медицинска помош.
Од Итната помош велат дека телефонските повици не престануваат, а најголем дел од интервенциите се однесуваат на лица на кои навистина им е потребна итна медицинска помош.
Според Маргарита Атанасовска-Трипуноска, најчести се случаите на колапси, но во овој период е забележан и пораст на сообраќајните незгоди, особено со мотоцикли.
„Колапсите се на прво место. Значително е зголемен и бројот на сообраќајни незгоди со автомобили и мотоцикли. Сето тоа е резултат на високите температури и неприлагодувањето на условите“, изјави Атанасовска-Трипуноска.
Во меѓувреме, од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека топлотниот бран ќе продолжи и во следните денови, а особено долж Повардарието дневните температури локално ќе надминуваат 40 степени Целзиусови.
За Скопје кон крајот на неделата се прогнозираат температури од 40 до 41 степен, додека од четврток во попладневните часови на поединечни места ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи.
Лекарите повторно апелираат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да внесуваат доволно течности, да носат лесна облека и внимателно да се приспособуваат при влегување и излегување од климатизирани простории, бидејќи големите температурни разлики можат дополнително да влијаат врз здравјето.








