Денеска официјално е пуштена за сообраќај првата делница од новиот булевар Струмица – село Дабиле. Проектот е реализиран во партнерство, со финансиска поддршка од ЈПДП и Општина Струмица, односно со средства од македонските граѓани, информира градоначалникот Костадин Костадинов на својот профил на Фејсбук.
„Овој проект е од огромно значење. Покрај растеретувањето на сообраќајот, што е клучно за една од најоптоварените делници во државата, поврзувањето на струмичките села е особено важно. Со реализацијата на булеварот, Дабиле се трансформира од село во населба со директна булеварска врска до центарот на градот, до индустриски зони и до граничниот премин со Република Бугарија“, истакна Костадинов.
Изградбата на булеварот, долга два километра, започна во септември 2023 година и води од излезот на Струмица до селото Дабиле, кон граничниот премин Ново Село.
Вкупната инвестиција изнесува околу 5 милиони евра – од кои два милиони обезбедила Општината, а три милиони евра се од ЈП за државни патишта.
Оваа прва делница значително ќе го подобри сообраќајот и поврзувањето на Струмица со околните села и граничните премини.