MyWorld, кешбек платформата што произлезе од озлогласената Lyoness, официјално е во стечај – што ја доведува во неизвесност и иднината на Lykonet, фирмата за мрежен маркетинг чиј единствен клиент е токму MyWorld.
Во стечај е „MyWorld International AG“, сопственик и на „MyWorld Македонија“. Управител на македонската подружница е Радован Витошевиќ, поранешен оперативен директор на матичната компанија. Порталот Фактор се обидел да добие коментар од него, но тој не одговорил.
Потврда за стечајот стигнала од Зоран Витанов, долгогодишен претставник и акционер во „Lyconet Austria GmbH“, која е сопственик и на „Lyconet Македонија“. Тој објасни дека Lykonet како маркетинг агенција постои единствено за промоција на MyWorld, па со стечајот на клиентот, и нејзината иднина е ставена „на чекање“.
„Да, има активен стечај, но јас не сум релевантен да зборувам за MyWorld. Lykonet има ексклузивно право да ја промовира таа компанија преку мрежен маркетинг. Сè уште функционира кешбекот, но ако клиентот е под стечај, Lyconet автоматски престанува со работа додека трае постапката“, изјави Витанов.
Иако матичната фирма е во стечај, „MyWorld Македонија“ сè уште работи. Според достапните податоци, таа имала стабилни приходи последниве години:
- 2022: приходи од 2,46 милиони €, расходи 2,36 милиони €, добивка 66 илјади €
- 2023: приходи 2,85 милиони €, расходи 2,56 милиони €, добивка 197 илјади €
- 2024: приходи 3,06 милиони €, расходи 2,98 милиони €, добивка 45 илјади €
Компанијата има осум вработени и моментално продолжува да функционира и покрај кризата во матичната групација.
Сопственик на MyWorld и Lyconet е Австриецот Хуберт Фрајдл, чие богатство се проценува на околу 500 милиони долари.















