Алпскиот регион е погоден од обилни снежни врнежи, предизвикани од влажна и ладна воздушна маса што постојано доаѓа од Атлантикот. Ова време ги изненади жителите на Алпите, кои сè уште се во есенска сезона, со температури далеку под очекуваното за овој период од годината.
Во пониските предели владее дождливо и студено есенско време со температури од само 5 до 10 степени, додека во повисоките делови на Алпите непрестано врне снег. Границата на снежниот покрив се движи околу 1.200 метри надморска височина, а локално снег паднал и на места пониски од 800 метри.
На многу локации е забележан нов снег од над 30 сантиметри, додека во повисоките предели се измерени над половина метар, локално дури и до 80 сантиметри. Области од Француските Алпи на запад, преку Германските и Швајцарските на север и Италијанските Алпи на југ, до западна Австрија, се целосно покриени со снег. Многу населби се парализирани, а патиштата се непроодни, што го отежнува секојдневниот живот на локалното население.
Овогодинешниот октомври веќе донесе повеќе обилни снежни врнежи во Алпите, што е необично за овој период од годината и наликува на типично зимско време.
Добрата вест е дека денес се очекува стабилизирање на времето, со престанок на врнежите, што ќе овозможи значително подобрување на условите и олеснување на движењето во наредните денови.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк















