Државната дума на Русија донесе нов закон кој драстично го менува системот на воена регрутација, воведувајќи целогодишно регрутирање на граѓани, наместо досегашните два сезона – пролет и есен. Измените на законите „За воена регрутација и воена служба“ и „За алтернативна државна служба“ се официјално усвоени, објавува рускиот медиум Инфо24.
Според новите правила, регрутирањето на граѓаните за задолжителна воена служба ќе се врши од 1 јануари до 31 декември, што значително го продолжува периодот на достапност за пријавување. Сепак, испраќањето на регрутите во единиците ќе го задржи сезонскиот карактер, односно ќе се одвива двапати годишно: од април до јули и од октомври до декември. Законодавците објаснуваат дека целта на овие мерки е рамномерно распределување на товарот врз воените служби и подобрување на квалитетот на кампањата за регрутирање.
Новите правила исто така налагаат регрутот да се јави во воената канцеларија во рок од 30 дена од објавувањето на повикот во регистарот, а измените стапуваат на сила веднаш по нивното официјално објавување.
Оваа промена доаѓа во време кога есенската регрутација оваа година, во која беа регрутирани околу 160 илјади лица, е најголема во последните девет години. Андреј Картаполов, претседател на Комитетот за одбрана на Државната дума, појаснува дека причината за ваквата одлука е недостатокот на регрути собрани за време на пролетниот циклус.
Со оваа нова мерка, Русија ја зголемува својата способност за воена мобилизација и ја приспособува регрутацијата на новите стратешки потреби на државата.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк















