ПРВ.мк
Балкан

Трагедија во Никшиќ: Новороденче почина од задушување во болница

Трагедија во Никшиќ: Новороденче почина од задушување во болница

Вишото државно обвинителство во Подгорица започна истрага за трагичната смрт на новороденче кое во саботата навечер почина во болница во Никшиќ, поради задушување со млеко.

Обдукцијата на бебето е завршена, а резултатите и причината за смртта се доставени до семејството и до Вишото државно обвинителство, кое и побарало спроведување на оваа обдукција, изјави д-р Немања Радојевиќ за Vijesti.me.

Според неофицијални информации, новороденчето било родено здраво и било задржано на одделението за неонатологија поради покачени вредности на билирубин, односно жолтица – состојба која е честа кај новороденчиња и сама по себе не е смртоносна. Во моментот на трагедијата, на одделението биле присутни дежурен лекар и медицинска сестра, велат извори блиски до болницата.

Семејството, преку писмо доставено до медиумите, информира дека девојчето Х. Ш., родено од татко Г. Ш. и мајка Т. Ш., дошло на свет на 22 октомври здраво, а породувањето поминало без никакви компликации и било оценето со највисока оценка.

„Во сабота, на 25 октомври, на новороденчето му била дијагностицирана жолтица. Бебето било одвоено од мајката околу 18:30 часот и преместено во посебна соба каде требало да остане 24 часа. Сепак, никогаш не се вратило кај мајката“, објавија црногорските медиуми.

Семејството наведува дека, според прелиминарниот извештај од обдукцијата, смртта настапила околу 21:10 часот, а како причина за трагедијата е наведено задушување со храна.

„Бебето било оставено само, никој од болничкиот персонал не бил таму да му помогне, да го сврти, да го потапка, или било какво дејство за спасување“, велат родителите.

„Вијести“ исто така неофицијално дознаваат дека покрај внатрешната болничка комисија, со овој случај ќе се занимава и комисијата на Министерството за здравство, со цел да се утврдат сите детали и да се обезбеди одговорност за трагедијата.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape