Новите научни анализи открија нешто што може засекогаш да го промени разбирањето на вулканската активност во Грција – двата најопасни вулкани во земјата, Санторини и Колумбо, го делат истиот извор на магма. Ова сензационално откритие значи дека секоја промена во еден од вулканите може директно да влијае врз другиот, со што се зголемува ризикот од верижна реакција и потенцијални ерупции во Егејското Море.
На почетокот на 2025 година, серија земјотреси што ја потресоа калдерата на Санторини го натераа научниот свет да се запраша дали под островот се случува нешто поголемо. За локалното население тоа беше само уште едно тресење, но за геолозите – јасен сигнал дека магмата повторно се движи во длабочините на земјата.
Островот Санторини, кој настана по катастрофалната експлозија пред повеќе од 3.500 години, е едно од најактивните вулкански подрачја во Европа. Токму таа ерупција, според археолозите, ја уништи минојската цивилизација. Денес, тој изгледа мирно и идилично, но под површината тлее вулканска енергија што никогаш не згаснала.
Со најсовремени инструменти – сонари, GPS уреди и подводни роботи, тим истражувачи од германскиот Центар за геолошки науки „Хелмхолц“ во Потсдам и грчките сеизмолошки станици откриле дека вулканите Санторини и Колумбо не се изолирани формации, туку поврзани отвори на ист вулкански систем.
Колумбо, кој се наоѓа само седум километри североисточно од Санторини, последен пат еруптирал во 1650 година, создавајќи токсични облаци и смртоносни бранови што достигнале до бреговите на островите. Сега, новите мерења покажуваат дека двете вулкански комори споделуваат заедничка магматска мрежа, што објаснува зошто земјотресите од Санторини се пренесуваат кон Колумбо – како пулс што се шири низ исто вулканско „тело“.
Од јули 2024 година, научниците забележале мало издигнување на земјата на Санторини, што укажува на акумулирање на магма. Неколку месеци подоцна, GPS сензорите регистрирале дека и Санторини и Колумбо истовремено се „спуштиле“ малку, како да ослободиле притисок заедно.
Овие синхронизирани движења се јасен показател дека вулканите функционираат како делови од еден ист систем – со заедничко магматско срце. Според експертите, ова може да значи дека ерупција на едниот вулкан може да ја предизвика активноста на другиот, што значително го комплицира мониторингот и предвидувањето на идните ерупции.
Иако засега нема знаци за непосредна опасност, научниците предупредуваат дека земјата под Егејското Море е во движење. Микроскопските земјотреси и промените во структурата на калдерата се предупредувачки сигнали дека вулканската енергија повторно се буди.
Под идиличниот пејзаж на Санторини, каде што белите куќи и тиркизните заливи создаваат слика на совршен мир, се крие еден од најмоќните вулкански системи во Европа. Таа невидлива сила, која некогаш ја уништи античката цивилизација, денес повторно пулсира во длабочините, потсетувајќи дека природата никогаш не заборава – само чека свој момент.
Не дознавај последен – читај ПРВ.мк















