ПРВ.мк
Македонија

Во Македонија секоја година по 5.000 луѓе добиваат мозочен удар – еве како да ги препознаете првите симптоми!

Во Македонија секоја година по 5.000 луѓе добиваат мозочен удар – еве како да ги препознаете првите симптоми!

Во Македонија секоја година се регистрираат околу 5.000 нови случаи на мозочен удар, што ја вбројува нашата земја во групата со средна инциденција и преваленција на ова опасно заболување. Според податоците, на 100.000 жители има од 200 до 300 мозочни удари, а преваленцијата изнесува 500 до 600 случаи на 100.000 жители. Ова не е болест што ги погодува само повозрасните – мозочен удар може да се појави и кај деца, предупредува проф. д-р Анита Арсовска, шеф на Одделот за ургентна неврологија при Универзитетската клиника за неврологија.

Таа го истакна значењето на времето и брзината на реакција, бидејќи токму тие можат да бидат клучни за спасување на животот. „Многу е важно брзо да се препознаат симптомите – одземен говор, искривување на лицето, парализа на една страна од телото, раката или ногата. Пациентот мора веднаш да се однесе во најблиската здравствена установа, односно на Клиниката за неврологија,“ вели Арсовска.

Доколку се работи за исхемичен мозочен удар, во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите може да се изврши интравенска тромболиза – постапка со која се разбива тромбот (згрутчувањето на крвта) и се овозможува спасување на мозочното ткиво. Симптомите не се секогаш исти – кај некои пациенти може да се јави главоболка, нестабилност, заматен вид или потешкотии со движењето.

На Клиниката за неврологија се третираат пациенти над 14 години, а тоа значи дека дури и тинејџерите не се поштедени. Професорката додава дека мозочниот удар почесто се јавува кај мажи на возраст меѓу 60 и 69 години, но во повозрасната група жените се позасегнати, бидејќи во тој период почесто страдаат од срцеви заболувања и атријална фибрилација. Интересно е што сè почесто мозочен удар се јавува и кај лица под 45 години, поради присутност на класични ризик-фактори и во таа група.

Факторите на ризик се делат на модификувани и немодификувани. На дел од нив не може да се влијае, но постојат многу што можат да се контролираат – висок крвен притисок, високи вредности на шеќер во крвта, маснотии, срцеви заболувања, пушење, стрес и аерозагадување. Арсовска нагласува дека повеќе од 90% од мозочните удари може да се превенираат ако се преземат навремени мерки и ако граѓаните живеат поздраво.

Министерот за здравство, Илир Алиу, изјави дека здравствениот систем не треба да се гледа само како механизам за лекување, туку и како систем за превенција. „Овие денови на бесплатни превентивни прегледи се клучни за да ја подигнеме свеста кај граѓаните – да ги информираме и едуцираме како да ги препознаат симптомите, каков начин на живот и исхрана да следат и кои активности помагаат за избегнување на вакви заболувања,“ нагласи Алиу.

Не дознавај последен – читај ПРВ.мк

Escape