Патниците кои во понеделник ќе патуваат кон или од Грција треба да бидат подготвени за можни задржувања на границата, откако грчките царински службеници најавија штрајк на повеќе гранични премини.
Министерството за внатрешни работи информира дека според добиените информации од надлежните грчки институции, штрајкот ќе се одржи на 27 јули 2026 година, а ќе бидат опфатени граничните премини Евзони (Богородица), Дојрани и Ники (Меџитлија).
Прекинот на работата ќе трае во утринските часови, од 05:00 до 09:00 часот според македонско време, односно од 06:00 до 10:00 часот по грчко време.
Во тој период патничките возила нема целосно да бидат запрени, но ќе се пропуштаат во ограничен режим – на секои 10 минути, што може да предизвика создавање колони и подолго чекање за патниците.
За товарниот сообраќај, ситуацијата ќе биде поинаква. Камионите и останатите товарни возила ќе бидат целосно запрени за влез и излез од Грција додека трае штрајкот.
Од МВР велат дека ќе бидат преземени сите потребни мерки и дека ќе бидат ставени во функција сите расположливи човечки и технички капацитети со цел полесно одвивање на сообраќајот.
Надлежните апелираат граѓаните навреме да го планираат патувањето и да сметаат на можни доцнења, особено во утринските часови кога се очекува најголем притисок на граничните премини.





