Бугарските власти вратиле 11,6 тони пиперки увезени од Македонија, откако лабораториските анализи покажале присуство на остатоци од пестицид над дозволеното ниво.
Пратката била контролирана на граничниот премин Златарево и била наменета за компанија во Петрич. При анализите било утврдено зголемено присуство на пестицидот форметанат.
До пристигнувањето на лабораториските резултати, пиперките биле задржани во ладилник кај примачот и не биле пуштени во продажба.
Откако резултатите го потврдиле недозволеното ниво на остатоци од пестицид, надлежните бугарски институции наредиле целата пратка да биде вратена на добавувачот. Со помош на царинските служби, сите 11,6 тони биле вратени во Македонија, без производите да стигнат до бугарскиот пазар.
Од почетокот на август Бугарија спроведува засилени контроли на свежото овошје и зеленчук што влегуваат во земјата.
Досега биле анализирани 35 примероци зеленчук, главно пиперки и домати увезени од Македонија, Косово и Албанија.
Контролите вклучуваат проверка на потеклото, квалитетот и безбедноста на производите, како и лабораториски испитувања за евентуално присуство на остатоци од пестициди.







