Шест пожари на отворен простор се активни низ Македонија, додека уште три се ставени под контрола, информира Центарот за управување со кризи за состојбата до 13 часот.
Еден од активните пожари е во Студеничани, во реонот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума.
Во Македонски Брод, кај местото Видуш во близина на селата Драгов Дол и Локвица, огнот зафатил ниска вегетација, грмушки и нискостеблеста шума.
Активен пожар има и во Велес, кај селото С’лп, каде се зафатени ниска вегетација и ретка дабова шума.
Во Јегуновце, во подрачјето на Копанце и Туденце, гори шума, а според информациите огнот се шири во правец кон скопското село Бојане.
Пожар има и кај Визбегово во општина Бутел, каде се зафатени ниска вегетација и ѓубриште, како и во Маврово-Ростуше, кај селото Бибај, каде гори зимзелена шума.
Истовремено, три пожари на територијата на Крушево се ставени под контрола. Станува збор за пожарите кај Борино и Житоше, Алданци и Норово, како и кај селото Селце.
Во текот на денот бил изгаснат и пожар кај битолското село Нижеполе, каде гореле ниска вегетација и бандера.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека само во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 27 пожари на отворен простор.
Тој оцени дека бројката е алармантна, особено ако се земе предвид дека во делови од земјата имало и локални врнежи, и ги повика доброволните пожарникари да бидат подготвени да им помогнат на професионалните екипи таму каде што е потребно.







