ПРВ.мк
Македонија

ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД МАКЕДОНЦИТЕ ПУШАТ? Новите црни бројки повторно го отвораат прашањето за законот што со месеци стои во Собрание!

ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД МАКЕДОНЦИТЕ ПУШАТ? Новите црни бројки повторно го отвораат прашањето за законот што со месеци стои во Собрание!

Македонија и понатаму се соочува со исклучително висока употреба на тутун, а новите податоци повторно го отвораат прашањето за тоа колку ефикасно се спроведуваат мерките за заштита од пушењето.

Според истражувањето „Tobacco and Nicotine Products Survey: North Macedonia 2026“, изработено од скопскиот тинк-тенк „Аналитика“, 54 проценти од населението активно пушат цигари. Во исто време, податоците на Евростат покажуваат дека во 2022 година 22,5 проценти од граѓаните во Северна Македонија на возраст од 16 години и повеќе секојдневно користеле тутун или сродни производи, што е над просекот на Европската Унија, кој во 2025 година изнесувал 16,5 проценти.

Европскиот тренд во последниот период е различен. Според достапните податоци, секојдневната употреба на тутун во ЕУ се намалила од 17,5 на 16,5 проценти. Во дел од земјите од регионот, меѓу кои Србија, Хрватска и Бугарија, употребата останува висока или е забележан пораст.

Дневното пушење кај возрасните е особено застапено кај повозрасните возрасни групи, додека кај младите од 18 до 29 години стапката на секојдневна употреба е пониска. Сепак, истражувачите укажуваат дека раното започнување со употреба на тутун претставува значаен ризик за создавање долгорочна навика.

Загрижувачки се и податоците за најмладите. Според GYTS 2024, глобалното истражување за употреба на тутун кај младите, презентирано во февруари 2026 година, 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ. Од нив, 5,3 проценти моментално пушат цигари, додека 4,9 проценти користат производи со загревање на тутун.

Истото истражување покажува дека изложеноста на пасивно пушење во затворени јавни простори, по претходно намалување, повторно се зголемила и во 2024 година достигнала 55,4 проценти. Истражувањето е спроведено меѓу ученици од седмо до деветто одделение, односно популација која вообичаено е на возраст од 13 до 15 години.

Проблемот не се одразува само врз здравјето, туку и врз домашните буџети. Професорот Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје, кој учествувал во изработката на студијата и ја презентирал во Варшава, за „Дојче веле“ посочува дека домаќинствата во кои има пушачи издвојуваат 48,2 проценти од месечниот буџет за храна, наспроти 58,3 проценти кај семејствата во кои не се пуши.

Разликата, според податоците од истражувањето, укажува дека значаен дел од расположливите средства во домаќинствата каде што има пушачи се пренасочува кон купување цигари и други тутунски производи.

Од здравствен аспект, пушењето е поврзано со повеќе од една третина од случаите на рак на белите дробови, како и со значаен број кардиоваскуларни заболувања.

Пулмологот Зекирија Шахини за ТВ21 посочува дека особено загрижува возраста на пациентите кај кои се дијагностицираат сериозни заболувања поврзани со пушењето.

„Не станува збор за луѓе од 70 или 80 години, туку за голем број пациенти на возраст од 50 до 60 години, што се смета за средовечна возраст. Гледаме зголемување на смртните случаи кај помлади пациенти“, изјавил Шахини.

Во меѓувреме, институционалниот одговор и натаму се очекува. Предлог-законот за заштита од тутун се наоѓа пред собраниската Комисија за здравство, а неговата цел е да воведе построги правила за употребата на тутун и никотинските производи.

Предлогот предвидува забрана за пушење во затворени јавни простории и на работните места, како и попрецизно регулирање на терасите на угостителските објекти.

Со предложените измени за првпат во законската рамка треба експлицитно да бидат опфатени и електронските цигари, производите со загревање на тутун и другите нови никотински производи.

Предвидено е и заострување на правилата за рекламирање и промоција на тутунските и сродните производи, особено на дигиталните платформи и социјалните мрежи, со цел да се ограничи нивното влијание врз младите.