Сезоната на ајварот е во полн ек, но печењето пиперки на несоодветни места може да заврши со интервенција на инспекција, па дури и со парична казна.
Во Србија деновиве биле регистрирани повеќе случаи на граѓани кои печеле пиперки на балкони, пред станбени згради и во подрумски простории. Според објавените информации, само во еден викенд комуналните служби добиле повеќе од десет пријави од соседи поради чад и користење отворен пламен.
Во еден од случаите избувнал и пожар во подрум, поради што морале да интервенираат пожарникари.
За физички лица во Србија, според објавените информации, казните зависно од прекршокот се движат од околу 50 до над 200 евра, додека кај правни лица можат да достигнат и околу 1.300 евра.
И во Македонија во есенскиот период редовно се упатуваат апели да не се користат ќумбиња и импровизирани скари на балкони и во подрумски простории. Отворениот пламен, искрите и чадот можат да претставуваат сериозна опасност од пожар, особено во колективните станбени објекти.








