ПРВ.мк
Македонија

ОГРОМЕН УДАР ВРЗ БУЏЕТСКИТЕ ПРИХОДИ: Над 100 милиони евра за мерките за поевтини горива

ОГРОМЕН УДАР ВРЗ БУЏЕТСКИТЕ ПРИХОДИ: Над 100 милиони евра за мерките за поевтини горива

Мерките на Владата за одржување пониски цени на горивата ќе го чинат државниот буџет повеќе од 100 милиони евра, а до крајот на годината е можен уште еден ребаланс, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Според владините проценки, до крајот на годината во Буџетот би можеле да недостигаат меѓу шест и седум милијарди денари, односно приближно 97 до 113 милиони евра, како последица на пониските приходи од акцизи и ДДВ. 

Само по основ на акцизата, Мицкоски посочи дека Буџетот ќе има околу пет милијарди денари помалку приходи. Дополнителен ефект има намалениот ДДВ, поради што вкупниот износ ќе биде уште поголем.

Премиерот нагласи дека сериозен предизвик остануваат и неизвесноста околу снабдувањето со нафта и нафтени деривати и движењето на цените на светските берзи. Според него, приоритет на Владата е одржувањето на животниот стандард, ниското ниво на инфлација и ниските цени на горивата.

Поради очекуваниот кусок во приходите, се разгледува можноста до крајот на 2026 година да биде направен уште еден ребаланс на Буџетот. Мицкоски нагласи дека конечната одлука ќе зависи од движењето на приходите и состојбите во следниот период.