Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави завршувањето на американската воена мисија во Ирак, оценувајќи го повлекувањето како победа за САД и Ирак и порача дека дошло време американските војници „да се вратат дома“. Повлекувањето на американските сили од Ирак е потврдено и од американската војска.
Според американската Централна команда, американските војници и воената опрема ја напуштија воздухопловната база во Ербил, со што завршува 12-годишната фаза на американското воено присуство во земјата во рамки на операцијата против Исламската држава.
Трамп изјави дека имал избор дали американските сили да останат или да заминат и дека проценил оти е време Америка да се врати дома. Тој го претстави денот на повлекувањето како победа за САД и Ирак и како резултат на долгогодишната борба против ИСИС.
Со заминувањето од Ербил, примарната одговорност за безбедноста во Ирак преминува на ирачките власти. Сепак, тоа не значи целосно американско воено повлекување од поширокиот регион. Мисијата против ИСИС продолжува од други позиции, а штабот на коалициската операција е преместен во Јордан.
Американските сили првпат се повлекоа од Ирак во 2011 година, по инвазијата од 2003 година. Во 2014 година повторно се вратија на барање на ирачките власти, откако Исламската држава освои големи делови од земјата. Денешното повлекување ја затвора таа 12-годишна воена мисија.








