ПРВ.мк
Македонија

НОВ РАЗВОЈ ВО СЛУЧАЈОТ: Стафа бара порано да излезе од затвор, Пецов експресно ја платил казната

НОВ РАЗВОЈ ВО СЛУЧАЈОТ: Стафа бара порано да излезе од затвор, Пецов експресно ја платил казната

Поранешниот државен правобранител и адвокат Фехми Стафа бара да излезе од затвор порано од веќе одобрениот условен отпуст. Тој ја обжалил одлуката на Основниот кривичен суд Скопје, со која му било одобрено предвремено ослободување.

Стафа издржува казна од една година и три месеци затвор за примање мито. Според првостепената одлука, наместо на 13 март 2027 година, тој би требало да излезе на 1 февруари. Сепак, ја обжалил одлуката, а предметот на 24 септември бил испратен до Апелацискиот суд. Во моментов Стафа сè уште е во затвор.

Тој беше уапсен откако полицијата го затекна со 50.000 евра, дел од вкупно 100.000 евра што, според случајот, ги побарал од својот клиент Љупчо Пецов – Ѓаволот, за да влијае врз судија од Апелацискиот суд во врска со мерката притвор. Подоцна Стафа призна вина и се спогоди со Обвинителството.

Во меѓувреме, претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска информираше дека Пецов веќе ја платил паричната казна од 8.000 евра што му била изречена во случајот „Синџир“. Интересно е што казната ја платил на 2 септември, пред пресудата да стане правосилна на 21 септември.

Пецов доби условна казна од две години затвор, која нема да биде извршена доколку во следните пет години не стори ново кривично дело, како и десетгодишна забрана за основање и управување со фирма.