Кражбата на катализатори од автомобили станува сè попримамлива за крадците, а причината се скапоцените метали што се наоѓаат во нив. Меѓу нив е и родиумот, чија вредност, според германскиот „t-online“, достигнува околу 265.000 евра за килограм.
Катализаторите содржат родиум, паладиум и платина, а крадците можат да ги отстранат за само неколку минути. Особено изложени се постарите бензински автомобили и хибридите, бидејќи нивните катализатори можат да содржат поголеми количества од вредните метали и често се полесно достапни од подвозјето.
Меѓу моделите кои се посочуваат како почести мети се VW Polo III, Opel Astra G, Toyota Prius III, Mitsubishi Carisma, Mitsubishi Space Wagon, Seat Arosa, VW Lupo и Honda Jazz. Ризични се и повисоките доставни возила и камперите, како VW Crafter и Mercedes Sprinter, бидејќи до нивните катализатори полесно се пристапува.

Кражбата најчесто се изведува со сечење на издувната цевка. Возачот може да забележи дека недостасува катализаторот по значително погласниот и подлабок звук на моторот, намалена моќност при забрзување, непријатен мирис или вклучување на контролната ламба.
Штетата, пак, може да биде многу поголема од вредноста што крадците ја добиваат. Замената на катализаторот во одредени случаи може да чини и до 3.000 евра.
Како превенција се препорачува автомобилите да се оставаат во заклучени гаражи или на добро осветлени и фреквентни места, а дополнителна заштита може да обезбеди аларм со сензор за навалување.






