Непознати лица запалиле дел од градежната механизација на компанијата која работи на изградбата на новиот стадион во Арачиново. Инцидентот се случил само неколку дена по почетокот на градежните активности.
Градоначалникот на Општина Арачиново, Даут Беќири, реагираше од местото на настанот и оцени дека станува збор за намерен инцидент насочен кон проектот. Тој побара од надлежните институции случајот што поскоро да биде целосно расчистен, а одговорните да бидат изведени пред правдата.
И покрај причинетата материјална штета, Беќири порача дека изградбата нема да биде прекината.
„Органите на редот го истражуваат случајот и бараме тој што побрзо да се расчисти. Но, да бидеме јасни — никој нема да нè запре. Работите ќе продолжат, проектот ќе се заврши и стадионот за ФК ‘Шкендија’ ќе се изгради. Арачиново го чекаше овој ден 5 до 10 години. Можат да се изгорат машини, но не може да се изгорат волјата и желбата за градење“, изјави Беќири.
На терен поддршка изразиле и локални жители, како и фудбалери на ФК „Шкендија“ од Арачиново.
Станува збор за инвестиција од околу 550.000 евра во помошниот стадион, која треба да обезбеди подобри услови за спортување и развој на младите фудбалери.






