Притворот на Дејан Јованов – Деко, првообвинет во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, законски истекува во сабота, 3 октомври. Тогаш Судот по службена должност треба да одлучи какви мерки ќе бидат определени за обезбедување на неговото присуство во понатамошната постапка.
Одбраната најавила имотна гаранција од речиси 200.000 евра, иако во оваа фаза таа не е задолжителна. Според информациите од Кривичниот суд, списите за гаранцијата се доставени до Јавното обвинителство за мислење, но сè уште не биле вратени, поради што Судот засега не може да одлучува по неа.
Судскиот процес за трагедијата во „Пулс“ продолжува во нова фаза. Досега се одржани 49 рочишта, без ниту едно одложување, а Обвинителството ја заврши доказната постапка на 14 септември. Според податоците соопштени на брифингот во Кривичниот суд, биле изведени 1.390 материјални докази и сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.
Од 1 октомври започнува изведувањето на доказите на одбраната, која најавила дури 244 сведоци. До крајот на годинава се закажани уште 15 рочишта.








