Македонските судови го завршиле вториот квартал од 2026 година со 149.415 нерешени предмети, покажуваат тримесечните извештаи усвоени од Судскиот совет.
Во периодот од април до јуни, судовите започнале со 147.288 нерешени предмети, а пристигнале дополнителни 121.909. Од вкупно 269.197 предмети во работа биле решени 119.782, што значи дека заостатокот се зголемил за 2.127 предмети.
Поради тоа, судството на ниво на државата е оценето како неажурно, а како еден од клучните проблеми повторно се посочува недостигот од судии и судски службеници.
Најголем заостаток има Основниот граѓански суд Скопје, кој кварталот го завршил со 24.298 нерешени предмети. Судот функционира со 56 од предвидените 77 судии.
Проблеми со ажурноста се регистрирани и во повеќе други судови. Управниот суд останал со 5.528 нерешени предмети, додека Вишиот управен суд кварталот го завршил со 2.767.
Во Битола останале 7.468 нерешени предмети, во Прилеп 9.149, во Струга 9.115, а Основниот суд Тетово кварталот го завршил со 8.346 нерешени предмети.
Особено тешка состојба е констатирана во Основниот суд Берово, за кој било посочено дека практично не функционира поради недостиг од судии и стручен кадар.
Од друга страна, како ажурни се оценети Врховниот суд, Основниот кривичен суд Скопје, како и дел од основните и апелационите судови низ државата.







