Седум државјани на Србија се уапсени во шпанското летувалиште Естепона, а истрагата ги поврзува со балкански криминален картел и со киднапирање и мачење на двајца нивни соработници. Новите детали што ги објавуваат шпанските медиуми откриваат што наводно стоело зад случајот.
Според исказите на двајцата киднапирани – Шпанец и Мароканец – проблемот започнал откако исчезнале околу 1,5 тон хашиш, чија вредност се проценува на околу три милиони евра.
Двајцата, според истрагата, биле дел од истата криминална структура, а нивната задача била да ја преземаат дрогата што пристигнувала по морски пат и да ја пренесуваат до шпанскиот брег.
Тие тврдат дека дрогата не ја украле. Според нивната верзија, при транспортот од Мароко кон Андалузија биле забележани од полицијата и се обиделе да побегнат. Поради големата брзина и лошите временски услови, пловилото наводно се превртело, а товарот завршил во морето.
Меѓутоа, нивните соработници не поверувале во ова објаснување. Според наводите од истрагата, двајцата биле намамени во изнајмена вила во Естепона, каде што биле соблечени и физички малтретирани со цел да признаат каде наводно ја сокриле дрогата.

Случајот бил откриен откако девојката на еден од киднапираните ја известила полицијата. Нејзиниот партнер претходно ѝ кажал дека оди на „деловен состанок“, ѝ ја оставил адресата и побарал да повика полиција доколку не ѝ се јави во рок од 20 минути.
Кога полицијата пристигнала пред вилата, од објектот истрчал гол и повреден маж кој викал дека е киднапиран. Следувала полициска акција во која биле уапсени седум државјани на Србија.
Во вилата полицијата пронашла уште еден повреден маж, како и просторија за која истражителите се сомневаат дека била подготвена за мачење. Просторијата била обложена со најлон, а во неа имало стол. Биле пронајдени и оружје, различни предмети и повеќе ДНК-траги.
Според шпанските медиуми, двајцата ослободени првично одбивале да соработуваат со полицијата, но подоцна дале искази и признале дека биле дел од криминална група. Шпанското правосудство наводно ја разгледува можноста тие да добијат статус на заштитени сведоци.
Истрагата продолжува, а шпанските власти трагаат и по други лица за кои постои сомнение дека се поврзани со криминалната група.








