Каматните стапки на постојните кредити во август забележале благо намалување, додека кај новоодобрените кредити е регистриран раст, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,67 проценти, што е намалување од 0,01 процентен поен во однос на претходниот месец и 0,23 процентни поени на годишно ниво. Кај депозитите, просечната камата останала непроменета на 2,18 проценти.
Од друга страна, новите кредити во август биле поскапи. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити достигнала 4,70 проценти, што претставува месечно зголемување од 0,26 процентни поени и годишен раст од 0,22 процентни поени. Истовремено, каматата на новопримените депозити пораснала на 2,72 проценти.
Кај компаниите, просечната камата на вкупните кредити се намалила на 4,33 проценти, додека кај новоодобрените кредити се зголемила на 4,68 проценти.
Кај домаќинствата, каматната стапка на вкупните кредити изнесувала 5 проценти, што е за 0,27 процентни поени помалку во споредба со август минатата година. Каматата на новите кредити за населението останала на 4,73 проценти.
Кај депозитите на домаќинствата просечната камата останала 2,11 проценти, додека кај новопримените депозити се зголемила на 2,72 проценти.







