Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека е успешно завршена евакуацијата на сите македонски државјани кои биле пријавени и побарале враќање од погодените земји на Блискиот Исток.
Со последниот, петти чартер-лет што слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, биле евакуирани вкупно 147 лица. Од нив, 119 се македонски државјани, а 28 се странски граѓани. Со ова, вкупната бројка на евакуирани македонски државјани достигна 605.
Од Министерството посочуваат дека сите летови биле организирани од државата, а трошоците за нивната реализација целосно биле покриени од буџетот. Освен што обезбедила враќање на своите граѓани, државата покажала и солидарност, овозможувајќи помош и за странски државјани од пријателски земји од регионот и пошироко.
Во соопштението се нагласува дека безбедноста на граѓаните останува највисок приоритет и дека токму затоа целата операција за евакуација е спроведена до крај за сите што изразиле подготвеност да се вратат во земјава.
Иако евакуацијата на пријавените лица е завршена, Министерството информира дека дежурниот СОС телефон, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму остануваат активни и достапни за сите македонски граѓани на кои би им била потребна помош.


















