ПРВ.мк
Македонија

Последен пат се јавила од Скопје, а потоа ѝ се губи секоја трага: Каде исчезна Бети со 140.000 евра?

Последен пат се јавила од Скопје, а потоа ѝ се губи секоја трага: Каде исчезна Бети со 140.000 евра?

Поминаа 19 години од мистериозното исчезнување на Бети Грнчаровска од Тетово, но нејзината судбина до денес останува непозната.

Бети, родена во 1968 година, исчезнала на 12 август 2007 година во Скопје. Според сведоштвата на нејзиното семејство објавувани низ годините, таа претходно го продала својот дуќан во Тетово и планирала да започне нов живот во Сплит, Хрватска.

Од дома заминала со пет торби, а според тврдењата на семејството, во една од нив носела околу 140.000 евра.

Пред заминувањето ѝ кажала на својата мајка Ратка Колева дека во Скопје треба да се сретне со пријател од Тетово, со кого потоа би продолжила кон Хрватска. Не сакала мајка ѝ и брат ѝ да ја испраќаат, па до Скопје заминала со такси.

Таксистот, според информациите објавени за случајот, ја оставил пред трговскиот центар „Беверли Хилс“. Бети потоа телефонски ѝ се јавила на мајка си и ѝ кажала дека пристигнала во Скопје. Тоа било нивното последно јавување.

Човекот со кого наводно требало да се сретне, подоцна тврдел дека немале договор за заедничко патување и дека не знае ништо за нејзиното исчезнување.

Мајката на Бети во јавните настапи изразувала сомнение дека нејзината ќерка била киднапирана, но тоа никогаш не било официјално потврдено. И покрај истрагата, не било утврдено што се случило со неа откако пристигнала во Скопје.

Фотографијата и податоците за Бети Грнчаровска се објавени и во евиденцијата на МВР за исчезнати лица. Наведено е дека е родена на 21 јануари 1968 година во Тетово, висока е 175 сантиметри, има црна коса и забна протеза, а како датум и место на исчезнување се наведени 12 август 2007 година и Скопје.

Речиси две децении подоцна, прашањето останува исто – што се случило со Бети откако таа вечер пристигнала во Скопје?