ПРВ.мк
Балкан

Генерал откри досега непозната анегдота: Еве што му рекол Младиќ откако ручал со Весли Кларк

Генерал откри досега непозната анегдота: Еве што му рекол Младиќ откако ручал со Весли Кларк

Генералот Живомир Нинковиќ на комеморацијата за Ратко Младиќ во Домот на Војската во Белград раскажа анегдота за поранешниот командант на Војската на Република Српска и пензионираниот американски генерал Весли Кларк.

Според неговото сведоштво, по една од средбите со Кларк, тие седнале на ручек во ресторан во Бања Лука. Токму таму, како што раскажува Нинковиќ, се случила ситуација која подоцна Младиќ ја коментирал на шеговит начин.

Нинковиќ тврди дека Кларк необично ја држел вилушката, со неа ја пробол шницлата и ја кренал од чинијата. Младиќ, зачуден од глетката, го прашал Нинковиќ: „Што е, бре, Нине, ова?“

Нинковиќ тогаш му предложил да го праша американскиот генерал во колку војни учествувал.

„Која војна ви е ова по ред?“, наводно го прашал Младиќ, на што Кларк одговорил: „Четиринаесетта“.

Според раскажувањето на Нинковиќ, Младиќ тогаш прокоментирал дека на Кларк тоа му била 14-та војна на туѓа земја, додека нему прва на сопствена.

Подоцна Младиќ го прашал зошто му предложил да го постави тоа прашање.

„Ако во секоја војна учествувал во просек по две години, тогаш не стигнал ни да научи како се јаде“, одговорил Нинковиќ, по што, според медиумските извештаи, присутните во салата се насмеале.

Нинковиќ на комеморацијата зборувал и за други настани од војните во поранешна Југославија и за своите сеќавања на Младиќ.

Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства. Тој почина на 27 август 2026 година во притворската единица на Обединетите нации во Хаг.