Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) вчера во Скопје организираше тркалезна маса посветена на унапредување на заштитата на интелектуалната сопственост. Во фокусот беше улогата на Националното координативно тело и можностите преку неговата работа да се обезбеди поефикасна заштита во оваа област.

На настанот учествуваа претставници од институции, деловната заедница и стручната јавност, а поздравни обраќања имаа Барнабас Биркеланд, претставник на Амбасадата на САД во Северна Македонија, и Едвал Зото, програмски менаџер во Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE).
„За компаниите е исклучително важно да постои координиран систем што ги штити нивните иновации, брендови и инвестиции. Ефикасната заштита на правата од интелектуална сопственост создава сигурност и охрабрува инвестирање во нови производи, технологии и креативни решенија, и силно придонесува за фер пазарна конкуренција. Националното координативно тело може да има значајна улога во овој процес, а АмЧам е подготвен да придонесе со експертизата и практичните искуства на своите членки, во партнерство со надлежните институции“, вели Јелена Арсовска, извршна директорка на АмЧам.
Во централната дискусија, модерирана од Ана Пепељугоска, претседателка на Работната група за интелектуална сопственост при АмЧам, учесниците се согласија дека Националното координативно тело, кое во минатото покажало значајни резултати, има потенцијал повторно да придонесе за поефикасна заштита на интелектуалната сопственост.

Како главни приоритети беа издвоени редовното функционирање на Националното координативно тело, воспоставувањето систем за централизирана размена на информации меѓу институциите, организирањето обуки за институциите, како и подигањето на јавната свест за значењето на интелектуалната сопственост.
За овие приоритети да се преточат во конкретни резултати, важно е работата на Националното координативно тело да се темели на јасна годишна програма, со утврдени цели, одговорности и следење на реализацијата. Притоа, особено значење имаат активната институционална поддршка и проактивниот пристап што ќе обезбедат континуитет во неговото функционирање. Само на тој начин, телото може да придонесе за поефикасна заштита на правата и посигурна деловна средина.

„Заштитата на интелектуалната сопственост е наш заеднички интерес: на државата, на бизнис-заедницата и на секој граѓанин. Денешната дискусија покажа дека постои силна волја кај институциите и кај приватниот сектор да се работи заедно. А кога има волја, има и начин“, заклучи Ана Пепељугоска, сумирајќи ја дискусијата.
Настанот се одржа во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите за застапување за ефективно вклучување во креирањето политики“, поддржан од Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE) од Вашингтон, а спроведуван од Американската стопанска комора во Северна Македонија.







