Гужва околу грицки и сокови на предизборен митинг на Српската напредна странка (СНС) во Ниш привлече внимание на социјалните мрежи. На видеоснимка што се споделува на интернет се гледаат луѓе кои се туркаат за да земат смоки, други грицки и сокови, а дел од нив носат по неколку пакувања.
СНС вчера одржа предизборен митинг на централниот плоштад во Ниш, на кој се обрати српскиот претседател Александар Вучиќ. Според процената на Архивот на јавни собири, што ја пренесе Н1, на настанот присуствувале околу 19.000 луѓе.
Видеото од гужвата беше објавено на социјалните мрежи од профилот „Подизање свести“, кој ги поврза снимките со митингот на Српската напредна странка во Ниш.
На кадрите се гледаат повеќе лица собрани пред маса на која има отворени кутии со грицки и сокови. Присутните се натискаат за да стигнат до производите, а некои во рацете држат по неколку пакувања. Други посегнуваат по грицките и пијалаците што се делат под шаторот, по што ги ставаат во вреќи.
Во продолжението на снимката се забележуваат и сокови расфрлани на земја, кои, според прикажаните кадри, веројатно им испаднале на луѓето додека се обидувале да ги понесат производите.
„Битка за смоки. Ниш, митинг на СНС“, пишува во описот на објавата, која потоа ја споделиле и други профили на социјалните мрежи.
На самата снимка е испишана и пораката: „Јад и беда во земјата на економскиот тигар“.
Видеото предизвика реакции на интернет, а сцените од делењето грицки и сокови станаа тема на коментари на социјалните мрежи.








