ПРВ.мк
Свет

„ТРАМП ЗАД РЕШЕТКИ“: Необична инсталација привлече толпи граѓани, а пораката предизвика реакции!

„ТРАМП ЗАД РЕШЕТКИ“: Необична инсталација привлече толпи граѓани, а пораката предизвика реакции!

Необична политичка инсталација на која американскиот претседател Доналд Трамп е прикажан зад затворски решетки привлече големо внимание во Техеран, главниот град на Иран. На плоштадот „Таџриш“ во северниот дел на градот, минувачите застанувале за да го набљудуваат перформансот и да ги овековечат сцените со своите мобилни телефони.

Инсталацијата била поставена на 21 октомври, во центарот на прометниот плоштад. На висока конструкција над сообраќајницата била поставена импровизирана затворска ќелија, во која актер со маска на Доналд Трамп го имитирал американскиот претседател.

Актерот бил облечен во темен костум и црвена вратоврска, додека сценографијата го прикажувала како се наоѓа зад затворски решетки. Необичната поставка брзо го привлекла вниманието на минувачите, од кои многумина застанувале да ја гледаат и да ја снимаат.

На конструкцијата бил испишан и слоганот: „Злосторство е да не се види оваа сцена“. Со оваа порака организаторите дополнително ја истакнале политичката и сатиричната намера на инсталацијата, објави 4news.mk.

Реакциите на иранските граѓани биле различни. Дел од присутните ја поздравиле поставката, гледајќи ја како сатиричен приказ на американскиот претседател. Други, пак, изразиле загриженост поради затегнатите односи меѓу Техеран и Вашингтон и можноста за нов воен конфликт.

Некои од граѓаните истакнале дека Иран треба да остане отворен за дипломатски разговори, но истовремено да не отстапува од своите позиции.

Перформансот се појавува во период на зголемени тензии меѓу САД и Иран, по воените судири и неуспешните дипломатски обиди за намалување на напнатоста меѓу двете земји.

Инсталацијата привлече внимание и надвор од Иран. Фотографиите и видеоснимките на кои актерот, маскиран како Трамп, е прикажан зад решетки се проширија на интернет и предизвикаа интерес кај меѓународните медиуми.