ПРВ.мк
Македонија

Македонија во борба со повеќе од 20 пожари: Пожарникарите исцрпени, Ангелов упати сериозен апел

Македонија во борба со повеќе од 20 пожари: Пожарникарите исцрпени, Ангелов упати сериозен апел

Повеќе од 20 пожари на отворен простор се регистрирани денеска низ Македонија, а противпожарните и останатите ангажирани екипи се соочуваат со сериозен притисок поради големиот број активни жаришта.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека особено внимание се посветува на пожарот кај Грачани, кој од косовска страна се проширил на македонска територија.

Огнената линија кон Никиштане е запрена и селото е обезбедено, додека пожарот се движи во правец на магистралниот пат и реката Лепенец, кон границата со Косово. Во гаснењето денеска биле вклучени „ер трактори“ и полициски хеликоптер.

Активно жариште има и на Скопска Црна Гора, кај Рамно. Според Ангелов, пожарот повеќепати повторно се активирал, поради што постои сомневање дека можеби е намерно предизвикан. На терен се скопските пожарникари и екипи на „Национални шуми“.

Сложена е состојбата и во Струшко, каде пожарот кај Октиси и Подгорци зафатил мешовита, вклучително и борова шума. Гаснењето е отежнато поради густиот и тешко пристапен терен.

Пожарникари интервенираат и во атарите на Селци и Локов, како и кај Ногаевци во Општина Градско, каде огнот навлегол во борова шума. Кај Белица во Македонски Брод веќе втор ден гори ниска вегетација, а на одредени места пламените јазици навлегуваат и во шума.

Нови жаришта се регистрирани и кај Тајмиште и Добреноец во Кичевско, како и на штипската депонија. Пожари се пријавени и на други депонии низ земјава.

Ангелов предупреди дека големиот број интервенции сериозно ги исцрпува расположливите сили.

„Имаме премногу пожари, нашите сили се преморени, работат пожртвувано и даваат сè од себе“, порача тој.

Тој ги повика граѓаните на максимална внимателност и пријавување на секое сомнително однесување. Според него, постојат индикации дека дел од пожарите можеби се намерно предизвикани, но тоа допрва треба да биде утврдено од надлежните институции.