ПРВ.мк
Македонија

Половина милијарда евра за општините: Мицкоски најави нови инвестиции и еколошки автобуси

Половина милијарда евра за општините: Мицкоски најави нови инвестиции и еколошки автобуси

Премиерот Христијан Мицкоски најави продолжување на капиталните инвестиции низ Македонија, истакнувајќи дека Владата во изминатите 26 месеци работела на стабилизирање на системот, реализација на инфраструктурни проекти и директна финансиска поддршка на општините.

На денешната промоција на новите комунални возила, Мицкоски истакна дека Владата наследила, како што рече, „клекната, распадната и ограбена држава“, упатувајќи сериозни критики кон претходното владеење на СДСМ и ДУИ.

„Од клекната, распадната и ограбена држава која пред 26 месеци ни беше главен предизвик откако ја наследивме од Владата на СДСМ и ДУИ, денеска можеме да кажеме дека Македонија е подобро место за живеење“, порача Мицкоски.

Според премиерот, актуелната Влада продолжила со реализација и довршување на повеќе стратешки проекти, меѓу кои експресни патишта, автопатски делници и модернизација на железничката инфраструктура. Тој посочи и на инвестициите во здравствениот сектор и реконструкцијата на болничките капацитети.

Посебен акцент Мицкоски стави на поддршката за локалната самоуправа. Според него, преку владините програми се обезбедуваат околу половина милијарда евра за капитални инвестиции во општините.

Дел од инвестициите се насочени кон подобрување на комуналните услуги и набавка на нова механизација за одржување на јавната хигиена.

Премиерот најави дека следен значаен чекор ќе биде пристигнувањето на нови еколошки автобуси, со кои треба да се подобри и модернизира јавниот превоз.

Мицкоски во обраќањето се осврна и на периодот на пандемијата, даночните политики и економските состојби во времето на претходната власт, оценувајќи дека земјата денес се движи во поинаква насока.

Според него, целта на Владата е преку капитални проекти, поддршка на општините, подобра инфраструктура и модернизација на јавните услуги да продолжи подобрувањето на условите за живот на граѓаните.