Припадниците на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес, кои секојдневно се соочуваат со сериозни ризици и предизвици при интервенции, добија нова и современа опрема неопходна за нивната работа, особено при справување со шумски пожари.
Со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста на пожарникарите, Општина Велес набави вкупно 35 комплети цивилни униформи, 35 пара специјализирани чизми за интервенции во услови на шумски пожари, како и заштитни шлемови наменети токму за ваков тип опасни ситуации на терен.
Од локалната самоуправа посочуваат дека оваа инвестиција е дел од континуираната грижа и поддршка за ТППЕ Велес, особено имајќи ја предвид сè поголемата зачестеност на пожари во изминатите години, најмногу во летниот период. Новата опрема значително ќе придонесе за подобра лична заштита на пожарникарите, но и за побрзи, поефикасни и побезбедни интервенции во критични услови.
Со оваа набавка, Општина Велес уште еднаш ја потврдува својата заложба за вложување во безбедноста и подготвеноста на службите кои се на првата линија во заштитата на граѓаните, животната средина и материјалните добра.

















