Значителна промена на времето во Македонија се очекува од петок, 9 октомври, кога земјава ќе се најде под влијание на циклонска активност со центар над Џенова.
Според прогнозата на метеорологот Славчо Попоски, нестабилното и дождливо време ќе продолжи и во текот на сабота и недела.
Влажните воздушни бранови ќе донесат променлива облачност и повремени врнежи од дожд во повеќе делови од земјава.
Најголемо количество врнежи се очекува во западните региони, каде локално би можеле да наврнат и повеќе од 30 литри дожд на квадратен метар.
На одредени места ќе има услови и за развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Промената ќе го зафати и Скопје со околината. Во текот на викендот се очекува променливо облачно време со повремени врнежи, кои локално можат да бидат и пообилни.
И покрај дождот, не се очекува поголем пад на дневните температури. Тие ќе останат релативно високи за овој период од годината.
Утринските температури, пак, ќе бидат во пораст поради зголемената облачност.
Според најавите, главното обележје на претстојниот викенд ќе бидат дождот и локалната нестабилност, особено во западниот дел од Македонија.







