Шест мобилни телефони, персонален компјутер и УСБ се одземени при претресите кај 61-годишен виш јавен обвинител, кој е осомничен за примање награда за противзаконито влијание.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против П.В. (61) од Прилеп.
Осомничениот бил лишен од слобода, по што полицијата извршила претрес во неговиот дом во Прилеп, како и во службените простории што ги користел.
При претресите биле пронајдени и одземени шест мобилни телефонски апарати, едно УСБ и еден персонален компјутер.
Според сомненијата на полицијата, П.В., во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола, во повеќе наврати го користел своето влијание врз други јавни обвинители.
Од МВР наведуваат дека целта на ваквото влијание била во одредени постапки сторителите да добијат поблаги казни.
Против 61-годишниот обвинител е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, согласно член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Истрагата продолжува, а одземените електронски уреди ќе бидат дел од доказниот материјал во понатамошната постапка.







