По повеќе од десетина дена постојана борба со огнената стихија, дождот што заврна утрово околу 7 часот и траеше повеќе од два часа, конечно донесе олеснување за ловиштето „Јасен“. Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопштија дека врнежите значително помогнале пожарот да биде изгаснат.
Сепак, надлежните предупредуваат дека и покрај обилниот дожд, на делови од пожарната линија сè уште се забележува чадење. „По кревањето на маглата и чадот ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Теренот ќе биде пребаран и со дронови со термални камери“, информираат од ДЗС.
Екипите на ЈП „Јасен“ остануваат на терен и ќе продолжат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат и нема опасност од повторно активирање.
Од ДЗС упатија и апел до граѓаните да бидат максимално внимателни и да не предизвикуваат пожари со несовесно однесување, како и веднаш да пријават доколку забележат сомнителни активности.
„Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во ‘ЕВН’ или на бројот 112“, се додава во соопштението.