По неколкугодишен прекин, Дојранското Езеро повторно ќе добива свежа вода преку хидросистемот „Ѓавато“. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека нефункционалните цевки и пумпи, кои четврта година беа исклучени, ќе бидат целосно санирани, а трошоците за струја ќе се намалат со инсталација на соларни панели.
„Инженерите веќе го скенираа просторот. Со соларните панели и батериски системи инсталирани со капацитет од околу два мегавата и четири мегават-часа, сметките за електрична енергија ќе се намалат драматично. Заштедените средства ќе се користат за одржување на цевководот и хидросистемот, што ќе обезбеди поголема достапност на вода за земјоделците“, изјави Мицкоски.
Дел од пумпите ќе бидат санирани со помош на општествено одговорна компанија, а според премиерот, од десет пумпи што ја носат водата до резервоарот, функционални се само две, а во цевководот се забележани и пукнатини. Во рамки на системското решение ќе се обноват и пумпите кои ја туркаат водата од резервоарот кон езерото.
Хидросистемот „Ѓавато“ е нефункционален од февруари 2022 година, кога поради високи сметки за струја, пумпите беа исклучени. Оттогаш, водостојот на Дојранското Езеро значително опадна, а жителите алармираа за можна еколошка катастрофа.
Овој систем, кој првпат беше изградeн по иницијатива на владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2001 година, претходно ја спасил екологијата на езерото, а првите количини вода беа испумпани во 2003 година. Со целосна санација и воведување на соларни панели, хидросистемот повторно ќе биде целосно функционален, обезбедувајќи вода за наводнување и намалување на енергетските трошоци.