Сопственикот на автобуската компанија „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, денеска официјално се пријави во Казнено-поправната установа „Идризово“, каде што започна со издржување на затворската казна од 10 години, изречена за тешката сообраќајна несреќа кај Ласкарци.
Информацијата ја потврди директорот на затворот КПУ Идризово, Зоран Јовановски, кој изјави дека Белули е примен и сместен во установата.
Белули беше правосилно осуден поради трагичната автобуска несреќа што се случи кај селото Ласкарци, кога неисправен автобус на „Дурмо турс“ излета од патот и се преврте. Во несреќата животот го загубија 16 патници, а повеќе од 30 лица беа повредени, дел од нив со трајни последици.
Влегувањето во затвор следи по повеќекратни одлагања на извршувањето на казната, најчесто поради здравствени причини. Како што беше објавено и претходно, Белули во изминатите месеци имал две операции поврзани со кила на тестисите, што судот ги прифати како основ за времено одложување на казната. Последното одложување беше до средината на декември 2025 година.
Во меѓувреме, вториот осуден во истиот предмет, Ремзи Мифтари, одговорен за возниот парк на компанијата, исчезна и по него е распишана потерница. И тој беше правосилно осуден на 10 години затвор, но досега не се пријавил за издржување на казната.
Апелациониот суд во Скопје во мај 2025 година значително ги зголеми казните за двајцата осудени, оценувајќи дека стореното дело има исклучително тешки последици и висока општествена опасност.
Со денешното влегување на Белули во „Идризово“, по една од најдолгите и најконтроверзни судски постапки поврзани со сообраќајни трагедии во земјава, правосилната казна конечно започна да се извршува.
















