Вистинска драма се одвивала по прилепските улици откако 45-годишен возач се обидел да избега од полициска контрола, но по кратка потера бил запрен и приведен.
Инцидентот се случил на улицата „Кораб“, каде полициски службеници му дале знак за запирање на патничко возило „фолксваген голф“. Наместо да застане, возачот нагло ја зголемил брзината и се обидел да им побегне на полицајците.
По кратко следење низ градските улици, полицијата успеала да го запре возилото и да изврши контрола.
Притоа било утврдено дека зад воланот бил Ф.А. (45) од Прилеп.
Дополнителните проверки откриле уште посериозни прекршоци. Возачот немал возачка дозвола, а бил и под силно дејство на алкохол.
Алкотестирањето покажало дури 2,01 промили алкохол во крвта, што според надлежните претставува сериозна опасност за безбедноста во сообраќајот.
Од полицијата информираат дека лицето е лишено од слобода и дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.





